ПРЕМИЕРА НА "ЧОВЕКОТ ОД СОБАТА БР. 7"
Монодрама со Сашо Тасевски во МКЦ
Поставката е работена според дела од Достоевски, Борхес и Сјоран, адаптирани од театарскиот критичар во ВЕЧЕР, Борче Грозданов и во режија на Ристо Алексовски
"Човекот од собата бр.7" е насловот на монодрамата во која ќе настапи актерот Сашо Тасевски. Работена е според дела од Достоевски, Борхес и Сјоран, адаптирани од театарскиот критичар во ВЕЧЕР, Борче Грозданов и во режија на Ристо Алексовски. Премиерно ќе биде изведена вечер (20 ч.) во кино "Фросина" во Младинскиот културен центар и е последен, седми проект на Градскиот театар. Грозданов вчера на прес-конференција рече дека идејата ја добил пред пет години кога ја прочитал "Бели ноќи" од Достоевски.
"Таква приказна не сум прочитал. Изблик на чиста љубов на еден осаменик, интелектуалец, отфрлен од општеството... Мојата меланхоличност и патетичност ја претставија жестоко Сашо и Ристо и ова е нивно дело. Тие направија многу добра работа, рече Грозданов".
Режисерот Алексовски истакна дека е земена основната тема, но е вметната во современ контекст, во 21 век. Комбинирани се тројцата автори за кои е заедничка темата на апсолутна осаменост, но не како состојба, туку како синдром.

"Ова е обид за редефинирање на поимот нормалност. И во пиковите на своето лудило, тој човек е почовечен од другите", рече Алексовски.
Според Сашо Тасевски, кој го игра човекот од собата бр. 7, осаменоста и очајот се претворливи во лудило и обратно. "Прашањето е колку вистински осамените луѓе имаат потреба да создадат паралелен свет, за да ја олеснат својата осаменот", рече Тасевски.
(Де.Т.)
ФОТО: Н. БАТЕВ